„Биографија на аналогниот магнетофон“ е научно-популарен труд на Башевски кој содржи елементи од акустиката, електротехниката, аудиотехниката, аудио-визуелните уметности и други сфери. Поконкретно, тој се занимава со развојот и примената на аналогниот магнетофон, највлијателниот изум за звучно снимање. Прво издание од овој вид во регионот. Зачинето со куриозитети, анегдоти и сведоштва од прва рака, а раскажано по хронолошки и географски принцип: од Америка преку Западна и Источна Европа до Јапонија, и од Британија и Скандинавија преку Балканот до Австралија. Што е звук и аудиосигнал; кој е најбитниот изум за звучно снимање и кои биле неговите претци, наследници и иноватори; каква му била конструкцијата и принципот на работа; како бил развиван и (зло)употребуван; како снимале Синатра, Елвис, Битлси, како снимале Дугме, ЕКВ, Леб и сол и други странски и домашни музичари; кои биле нивните тонци и продуценти и со какви предизвици тие се судирале; како бил работен тонот за холивудските оскаровци; пропагандата на Гебелс; магнитиздатот и цензурата во СССР; тајни служби, шпионажа и прислушкувања; аферата Октопод и Вотергејт; сублиминални пораки и езотерија; сè од Ленон до Ленин на едно место!
Ова дело е резултат на шестгодишно истражување на авторот и содржи мноштво интересни информации од кои корист ќе имаат и професионалците и аматерите, и електроничарите и инженерите на звук, како и сите вљубеници во аудиотехниката.
Книгата е во А4 формат, има 550 страници и над 1100 фотографии и илустрации.
Повеќе...